Информацијата за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ што се случи во Република Бугарија, како и Информацијата за состојбите и преземените активности во врска со расчистување на случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, се на дневен ред на денешната седница на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Информацијата за автобуската несреќа во Бугарија од Министерството за транспорт и врски е добиена по барање на претседателот на Постојаната анкетна комисија, а Информацијата за тетовската модуларна болница е поднесена од пратениците Халил Снопче и Елми Азири.
Пред членовите на Постојаната анкетна комисија се и годишните извештаи на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2021 година, како и на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права за 2021година, а разгледан треба да биде и Годишниот извештај за работата на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права за 2020 година.