На работниот состанок во просториите на комората, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески пред раководниот тим на Фондот за иновации и технолошки развој, предводен од директорот Коста Петров, ги презентираше актуелните проекти и стратешките активности на комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните извозни активности, за кои особено значење имаше примената на нови технолошки решенија, иновации, што е и во рамките на полето на дејствување на фондот. Во таа насока, за очекување е дека најмоќната бизнис-асоцијација, ставајќи се во функција на своите членки, во соработка со ФИТР, ќе треба да воспостави координирано институционално дејствување, за да се постигне и поголем економски раст на национално ниво. Улогата на Фондот, вели Азески, е да ги поддржи и да ги поттикне компаниите во изнаоѓањето форми на инвестиции, преку финансиска поддршка за производствените, извозните и за иновативните решенија, во насока на нивна поголема конкурентност на странските пазари.

На работната средба претседателот на Стопанската комора стави акцент и врз клучните приоритети во борбата против сивата економија и против корупцијата, преку итна потреба од дигитализација на државната администрација, но и преку финансиска поддршка за дигитализација на компаниите, со примена на системите САП како современи, докажани и проверени дигитални решенија, кои овозможуваат поголема ефикасност, ефективност и поголема продуктивност.

В.д. директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, ги образложи приоритетите на фондот за следните 2 до 3 години, преку помош и преку поттикнување на развојот на реалниот сектор, вклучувајќи ги и старт ап компаниите кои нудат иновативни и технолошки развојни производи и на кои им недостига поддршка, како финансиска така и системска, но и нивно поврзување со средни и со големи успешни компании, кои би ги развиле нивните иновативни и развојни производи до крајна употребна вредност. Како проект од ФИТР, се најави идејното предлог-решение за Технолошкиот парк, за кој се побара заедничо дејствување во процесот на развој и на примена на ова решение.

Претседателот Азески искажа благодарност што ФИТР ја препознава комората, која следната година одбележува еден век постоење, како партнер за своите развојни проекти и предложи преку заеднички континуирани работни средби на тимови од двете институции да се продолжи со изнаоѓање решенија, како и со градење различни механизми, алатки и можности, кои ќе значат поддршка за бизнисот, која ќе овозможи економско заздравување, но и забрзан раст на економијата во следните години.