Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, како застапништво на Унијата на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК) во Берлин, ја потпиша Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, што ја усвои Собранието на Стопанската комора на 14 јули по повод 100-годишнината.
Како што соопштуваат од СКСМ, во документот се бара нов економски договор, како и враќање од партиските агенди на државната агенда, бидејќи само држ
авната агенда може да го зачувува бизнисот и неговиот развој како единствен кохезиски фактор во државата.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, се наведува, изрази благодарност за довербата што Делегацијата на германското стопанство ја покажува со чинот на потпишување на Декларацијата, потенцирајќи дека во интерес на заедничката идна соработка е и одлуката Комората да учествува на манифестацијата што во ноември месец ја организира Германското бизнис здружение во државата. За Северна Македонија, Република Германија има клучно значење бидејќи е најголемиот бизнис партнер на македонското стопанство.
Директорот Мартенс, се додава, исто така, акцентираше дека бизнис соработката на двете земји е од обостран интерес и дека има поле за проширување на истата. Во следниот период потенцијал за нови бизнис зделки гледа во повеќе сектори, но особено во текстилот.
-И Азески и Мартенс заеднички констатираат дека енергетската криза останува приоритетен проблем за компаниите и дека ќе се одрази на ликвидноста на фирмите. Но дека останува и клучно прашањето за инвестирање во квалификувана работна сила како и вреднување на работникот согласно вложувањата, стои во соопштението.
Досега Декларацијата ја потпишаа повеќе од 150 субјекти, компании членки на Комората, а од надворешните институции прв потписник е Македонската академија на науките и уметностите. Во наредните денови, се посочува, тоа ќе го направат и ректорите на државните универзитети во земјава.