Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, кој има улога на ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) денеска во Приштина, Република Косово ќе оствари средба со претседателот на Коморскиот инвестициски форум Лулзим Рафуна, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Косово.

Во состав на делегацијата што ја предводи Азески во Приштина се и генералниот секретар на КИФ Татјана Штерјова Душковска, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски, како и специјалниот советник во Кабинетот на претседателот на Комората Антоније Мариноски.

На средбата ќе се дефинираат регионалните приоритети и новите иницијативи на КИФ, а ќе се разговара и за инфлацијата, енергетиката и за зелената агенда.

Како дел од работната посета, согласно агендата, Азески и Рафуна во Приштина ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Коморскиот инвестициски форум е асоцијација на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, која претставува повеќе од 350.000 компании.