Мицкоски: „Време е за дигитален пресврт во здравството“
Собранието попладнево со 65 гласа „за“, 15 „против“ и без воздржани, го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство, на местото на Арбен Таравари кој неодамна поднесе оставка. Алиу доаѓа од редовите на Алијансата за Албанците, која остана дел од владината коалиција „Вреди“ и по заминувањето на Таравари во опозиција.
Предлогот за нов министер беше образложен од премиерот Христијан Мицкоски, кој изрази уверување дека Алиу ќе донесе „нова димензија“ во здравствениот систем.
„Доктор Алиу е доктор по информатички науки. Професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Дали ќе биде лесно? Не. Нема да биде. Но дали е можно? Да. Затоа што веќе покажавме дека може. Поминаа помалку од една година, а веќе се чувствува разликата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата веќе започнала со скрининг програми, намалување на листите на чекање, нови лекови на позитивната листа и законски измени за системски ред. Посочи дека се работи на изградба и обнова на здравствени установи и на дигитализација што ќе овозможи секој пациент да има евиденција и пристап до системот.
„Во овој процес, доктор Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата, но и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник“, нагласи Мицкоски.
Професионален профил на новиот министер
Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки. Моментално е редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Во своето политичко портфолио го има и министерското место за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.