Бадниковите поворки како форма на радосно здружување на децата кои после коледарењеto во своите маала, се собираат на однапред договорено зборно место за заедно, свечено и достоинствено да поминат одредена патека пеејќи ја пригодната божиќна песна „Вечниот Бог“, оваа година ќе се одржат по 14-ти пат и ќе опфатат 75 градови и села во нашата земја и 5 во дијаспората.

Централната манифестација во Скопје ќе започне во 11 часот на Плоштад „Македонија“ и на едно место ќе ги собере коледарчињата од сите скопски општини кои ќе ја оформат најголемата бадникова поворка што од Камениот мост ќе чекори кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во рамките на манифестацијата, бесплатно ќе бидат поделени 2000 божиќни ѕвезди коишто дополнително ќе го украсат свечениот настан, а ја симболизираат Витлеемската ѕвезда што им го покажала патот на Мудреците кон местото на Раѓањето на Богомладенецот. Божиќниот концерт пак, ќе биде генерална проба за божиќните каланди што се пеат на Бадник и Божиќ и традиционално ќе го предводи „Златно славејче“ во придружба на македонските поп-ѕвезди: Вера Милошевска, Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст Тајм) и Пере (Нокаут). Концертот ќе биде инклузивен и подеднакво ќе им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.

Македонските улици по градовите и селата сè уште свежо се сеќаваат на божиќните каланди што се пееле под ова небо уште од средновековието. Токму тие се вистинскиот глас на Рождеството надвор од храмовите, а пак Бадниковите поворки кои ги преплавуваат улиците со детски насмевки се вистинската слика за Божиќ во Македонија.

Како возобновувач на православната традиција, Здружението „Бадникови поворки“ оваа година го доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.