Бадникови поворки во градови од Македонија и дијаспората

Во организација на Здружение Бадникови поворки, утре ќе се одржат Бадниковите поворки – најголемата народно-културна и духовна манифестација во Македонија, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божиќ.

Годинава, поворките ќе се реализираат во рекордни 80 градови и населени места низ државата, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на светлината, радоста и заедништвото.

Централната поворка во Скопје

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.

Во претпладневните часови, градоначалниците и општинските тимови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, по што со организиран превоз децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во главниот град.

Празнична програма и божиќна порака

Формирањето на поворката ќе започне пред Музеј на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на децата кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божиќна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божиќна порака, како спомен од Бадникови поворки 2026.

Точно напладне, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на Плоштад Македонија, пред сцената кај Божиќната пештера. Како кулминација на манифестацијата, ќе биде изведена „Божиќна авантура“, музичко-сценска изведба во живо со учество на над 40 музичари, актери и пејачи, меѓу кои и „Златно славејче“, која преку музика и симболика ќе донесе празнична радост за сите генерации.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од поворките ќе остварат празнични посети кај Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Здружението „Бадникови поворки“ ги повикува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на манифестацијата без потреба од претходно пријавување. Бадниковите поворки веќе 16 години се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник, а настанот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.