Американскиот претседател Џо Бајден денеска заминува за Брисел на разговори со европските лидери за руската инвазија врз Украина, носејќи со себе планови за воведување дополнителни санкции кон Москва.
Според два одвоени упатени извора, Бајден и неговиот тим планираат да воведат санкции и против членови на рускиот Парламент, како реакција на руската инвазија врз Украина. Се очекува тие дополнителни мерки за изолација да бдиат соопштени во текот на утрешниот ден.
Агендата на Бајден предвидува тој во 8:40 часот по локално време да замине од Белата куќа за Брисел, каде треба да се сретне со партнерите на САД во НАТО, еврипските лидери, а да ја посети и Варшава каде ќе има консултации со претседателот Анджеј Дуда.
Весникот „Волстрит џурнал“ пишува дека со санкции би можеле да се соочат 300 члена на руската Дума. Повикувајќи се на информации од портпарол на Белата куќа, венискот пишува дека не се донесени конечни одлуки за тоа кој и со колкави санкции ќе се соочи.
„Ќе имаме дополнителни мерки за санкции што ќе ги објавиме в четврток заедно со нашите сојузници на средбата на претседателот со нив“, пренесува њујоршкиот весник изјава на наиуменуваниот претставник од Белата куќа.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, синоќа пред медиумите изјави дека Бајден в четврток ќе присуствува на итен самит на НАТО, ќе се сретне со лидерите на Г7 и ќе им се обрати на 27-те лидери на Европската унија на седница на Европскиот совет.
„Бајден ќе координира за следната фаза од воената помош за Украина“, рече Саливан, додавајќи дека американскиот претседател ќе работи со американските сојузници на заострување на постојните санкции.
Бајден уште на самиот почеток на руската инвазија врз Украина најави дека САД нема воено да се конфронтираат со Русија, но вети дека САД ќе ја бранат целата територија на НАТО. Притоа донесе наредба за распоредување неколку илјади американски војници во државите од источното крило на НАТО.
За време на неговата посета на Полска Бајден ќе ги посети американските трупи распоредени таму и ќе се сретне со експерти вклучени во активностите за справување на хуманитарната криза предизвикана од милионите бегалци што ја напуштија Украина.