Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа пред полноќ му ја честита победата на Реџеп Таип Ердоган и повторниот избор за претседател на вториот круг избори во Турција.

„Со нетрпение очекувам продолжување на заедничката работа како сојзуници во НАТО, во однос на билатерални прашања и општите глобални предизвици“, напиша американскиот претседател на Твитер, не напоменувајќи за неодамнешните тензии меѓу Вашингтон и Анкара.

Државниот секретар Ентони Блинкен исто така го поздрави изборот на Ердоган, нарекувајќи ја Турција „ценет сојузник и партнер во НАТО“.

„Со нетрение очекувам продолжување на нашата заедничка работа со владата избрана од турскиот народ“, напиша тој на Твитер денеска.

Блинкен исто така високо ја оцени излезноста на гласачите во неделата и „дамнешните демократски традиции“ на Турција.

Во изминатите години односите меѓу САД и Турција се усложнија, вклучително и поради репресиите врз неистомислениците на Ердоган, воените операции во Сирија и тесните врски меќу Анкара и Москва, па дури и по инвазијата на Русија во Украина. Исто така и поради пречките што Анкара ги прави во процесот за членство на Шведска во НАТО.