Радиоактивниот фон во РЕК Битола во рамки на дозволеното
Радиоактивниот фон во РЕК Битола не е значително над природното ниво и се наоѓа во дозволените граници, потврди директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност, Зоран Бајовски.
Според него, последните мерења, извршени во текот на 2024 година и неодамна од страна на овластен технички сервис, покажале дека зрачењето не претставува ризик за здравјето на луѓето.
„Мислам дека беше помалку од 5.000 нанохири, но не би шпекулирал со бројки. Важно е што фонските вредности се во рамки на нормалата и не се штетни за човечкиот организам“, изјави Бајовски.
Работниците под постојан надзор
Сите вработени кои се професионално изложени на јонизирачко зрачење се обврзани по закон да носат лични дозиметри. Тие се читаат месечно.
- „Дозволената граница е 0,9 микросиверти. Сите извештаи од дозиметрите се доставуваат до нашата дирекција“, објасни Бајовски.
Инспекциски надзор и издадени дозволи
Во 2024 година, Дирекцијата за радијациона сигурност спровела:
151 редовна контрола
22 вонредни контроли
51 контролирана контрола (на субјекти со претходно издадени дозволи)
Во 61 случај се утврдени неправилности, по што се постапува согласно законските одредби. Повеќе информации може да погледнете од веста која ја има во продолжение:
Обвинителство отвори истрага за токсичната пепел од РЕК Битола
Дополнително, лани биле издадени 237 лиценци и дозволи на правни субјекти кои работат со извори на зрачење – стоматолошки ординации, радиотерапија, рендген дијагностика, нуклеарна медицина, производство на радиофармацевтици и индустриска радиографија. Ваквиот одговор стигна по претходно изнесените обвинувања во јавноста кои во голем дел беа непотврдени.