Албанскиот претседател Бајрам Бегај нема да учествува на неформалната вечера што ќе се одржи во Атина на 21 август, а која се одржува на покана на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Во одговорот на поканата до Мицотакис, Бегај, изразил „жалење поради неможноста за учество поради претходно утврдена агенда”, пишува Albanian daily news.
На неформалната вечера за проширувањето на Унијата, ќе присуствуваат премиерите на Македонија и на Косово, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, односно премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија.
Во отсуство на подетални информации за агендата, за која се оправдува Бегај, за одбивање на поканата, дел од албанските медиуми тоа го поврзуваат со заладените односи меѓу двете земји по различните ставови околу прашањето “Белери”
Случајот „Белери“ се однесува на апсењето на реизбраниот градоначалник на Химара, Фреди Белери, припадник на грчкото малцинство во Албанија, и неговото задржување во притвор.
Официјална Атина во континуитет бара негово ослободување условувајќи ја Албанија со нејзиниот евроинтегративен пат, што Тирана го смета за мешање во внатрешните работи и притисок врз правосудните органи.