Хаосот кој што го креира власта на секое поле, зема се поголем замав. Овој пат, последиците од лошото работење на власта ќе ги трпат охриѓани и Градот Охрид. Имено, Владата, министерството за транспорт и останатите надлежни институции, во очи на летната сезона донесоа скандалозна одлука за затварање на патниот правец Подмоље – Охрид, Грација Бакраческа, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Оваа срамна одлука ќе предизвика големи проблеми за локалното население, туристите и другите патници кои ќе транзитираат во овој регион. Дефинитивно, ова ќе има негативен ефект врз туризмот, кој што е еден од главните двигатели на овој регион.

Затворање на главната артерија, поточно влезот на Охрид и пренасочување на патот на стариот пат кој нема капацитет да го реализира напливот на сообраќај и возила во сезоната е непромислен потег донесен од надлежните институции, без истите да размислат за последиците, како по безбедноста во сообраќајот, така и за успешноста на летната туристичка сезона на Охрид и охридскиот регион.

Власта имаше 6 години за реализација и реконструкција на овој патен правец, но ништо не направи. А сега, иако Општина Охрид и СВР Охрид дадоа негативно мислење за затворање на овој патен правец, власта тврдоглаво не отстапува од својата намера, на штета на Охрид и охриѓани.

Сега кога туризмот треба да биде во полн ек и да работи на привлекување на туристи и промоција на Македонија, власта се сети да покаже дека нешто работи. Но, дури и кога сакаат да покажат дека нешто работат, тоа не знаат да го направат исправно.

На крајот, како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓаат токму од Охрид, уште еднаш од оваа говорница сакаме јавно да ги повикаме надлежните институции, на чело со Владата и министерството за транспорт, веднаш да ја стопираат и променат одлуката и да овозможат нормален проток на возила барем во текот на летната туристичка сезона, а по завршување на истата, да отпочнат со градежните активности на овој патен правец.

Охрид е туристичка атракција и бисер на Македонија кој не смееме да дозволиме да го изгуби својот сјај поради лошите политики и одлуки на власта, додава Бакраческа.