Британската влада, предводена од премиерот Кир Стармер, ја разгледува опцијата неуспешни баратели на азил да бидат испраќани надвор од Обединетото Кралство, во центри за враќање на Балканот. Иако се работи за почетна идеја, британските власти посочуваат дека внимателно го следат моделот што Италија се обиде да го примени во Албанија.

Центри за враќање на Балканот – сè уште во фаза на разгледување

Според информациите објавени од Тајмс, земјите кои би можеле да бидат земени предвид за формирање центри за враќање на Балканот се Северна Македонија, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина. Британски владини извори наведуваат дека сè уште не се воспоставени контакти со овие држави, а идејата се наоѓа во почетна фаза на развој.

„Владата во моментов се наоѓа во исклучително рана фаза на проценка на оваа иницијатива и неформално се интересира за деталите околу италијанскиот модел во Албанија, со цел да утврди како функционира сличен систем во практика.“

Италијанското искуство – инспирација или предупредување?

Италија веќе постигна договор со Албанија за сместување на мигранти во посебни логистички зони. Сепак, повеќе судови во Италија ја блокираа реализацијата на договорот, со што иницијативата беше ставена во мирување. Овој пример, и покрај правните пречки, сега послужува како еталон за британските намери за воспоставување на овие центри.

Од Руанда до Балканот: обновен концепт со нова географија

Оваа стратегија е обновена верзија на претходниот предлог изготвен од Конзервативната влада. Според тој план, мигрантите кои пристигнуваат во Велика Британија преку мали чамци требаше да бидат испраќани во Руанда. Но, по одлуката на британскиот судски систем, оваа програма беше суспендирана.

Според извештајот на Migration Watch UK, во текот на 2025 година, повеќе од 5.200 мигранти пристигнале на британска територија преку мали пловни објекти. Овој податок ја реактуализира потребата од долгорочна и структурирана миграциска политика.

Поддршка за центи за враќање на Балканот

Во овој момент, Европската Унија излезе со нов предлог кој на земјите членки им дозволува воспоставување на центри за враќање. Мерката е со цел поефикасно справување со одбиените баратели на азил. Оваа насока доби поддршка и од Меѓународната организација за миграција на ОН. ОН  понуди експертска и логистичка помош за државите што ќе се одлучат на ваков потег.

„Организацијата е подготвена да им обезбеди советување и техничка поддршка на државите кои ќе пристапат кон развивање и примена на иновативни модели за враќање, кои ќе бидат во согласност со меѓународните норми и европското право.“

Политички и етички импликации за земјите во фокусот

Иако центри за враќање на Балканот засега се само идеја, евентуалната реализација би можела да има значителни импликации за регионалните политички процеси. Прашањата за правниот статус на мигрантите, механизмите на надзор и логистичката одговорност остануваат отворени.

Во овој контекст, земјите како Северна Македонија, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина би можеле да се најдат под нов вид притисок. Притисокот овојпат нема да биде за влез во ЕУ, туку како локации за прераспределба на миграциските предизвици на Обидинетото Кралство.