Поради финансиски проблеми, Либан доцни со исплатата на платите на своите дипломати, па ги советувале да бараат донатори за покривање на основните деловни трошоци, бидејќи во спротивно може да се затворат голем број амбасади.

Во официјалното писмо од 25 јануари, Министерството за надворешни работи побарало од амбасадорите да побараат помош од дијаспората и да го пријават тоа во рок од две недели. Министерството размислува да затвори голем број амбасади, што во писмото се опишува како „итна финансиска мерка усвоена од многу други земји кои се соочуваат со слични финансиски тешкотии“. Еден извор рече дека им било кажано дека ќе ги добијат исплатите следната недела.

Либан моментално се соочува со голема криза која Светската банка ја опишува како една од најтешките финансиски несреќи во историјата. Со оглед на тоа што потрошиле најголем дел од своите девизни резерви во 2019 година, дошло до недостиг на долари и следствено на тоа пад на вредноста на националната валута за цели 90 проценти и повеќе.

Министерот за надворешни работи Абдала Бу Хабиб во декември рече дека почнал да ги намалува трошоците во амбасадите, вклучувајќи ги трошоците за сместување, платите на дипломатите и трошоците за патување и прием. Заштедите би можеле да достигнат 18 милиони долари во буџетот од 95 милиони долари, пишува Ројтерс.