Германски европратеник повика да престане практиката на патување меѓу Стразбур и Брисел, поврзана со работата на Европскиот Парламент, јави ДПА.
ЕП се состанува во францускиот град за своите 12 сесии годишно, но други парламентарни активности се одржуваат во главниот град на Белгија. Поради ова, илјадници вработени и документи мора редовно да се движат меѓу Стразбур и Брисел.
Даниел Фројнд од германската партија Унија 90/Зелени испрати писмо до претседателката на ЕП Роберта Мецола во кое бара укинување на овој систем поради енергетската криза во Европа предизвикана од руската војна во Украина.
„Се соочуваме со акутен недостиг на енергија во Европа“, се вели во писмото. „Додека некои европски граѓани веројатно нема да можат доволно да ги загреат домовите в зима, ЕП непотребно загрева, осветлува и одржува два градежни комплекси во исто време“, вели европратеникот.
Засега нема одговор од Мецола. За ова прашање долго време се дебатира во ЕУ, особено поради еколошки причини, но Франција има цврста контрола врз Стразбур, а промената може да се договори само со едногласност меѓу земјите-членки.