Адвокатот Пешевски: „Барањето за повторување на постапката за обвинетите за 27 април ќе биде поднесено наскоро“

Адвокатот на Горан Ангелов Ќосето, Драган Пешевски, најави дека ќе поднесат барање за повторување на постапката за настаните од 27 април. Според него, новите докази што се обезбедени се доволни за отворање на ново судење.

„Во моментот, единствената опција што ни преостанува е да поднесеме барање за повторување на постапката. Ова нешто планирав да го направам уште пред неколку месеци, но околностите беа различни тогаш. Сега, по донесувањето на пресудата, ситуацијата е значително променета. Револтот кај засегнатите е значително поголем, што дополнително го засилува аргументот за нашата иницијатива. Со оглед на новите докази со кои располагаме, убеден сум дека за многу кратко време ќе го поднесеме барањето за повторување на оваа постапка,“ изјави Пешевски за Канал 5.

Амнестиите отвораат нови дилеми

По упатствата од Апелациониот суд и позитивното мислење на Обвинителството, Кривичниот суд вчера го уважи барањето за амнестија на екс-собранискиот спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и на екс-директорот на УБК Владимир Атанасовски. Одлуката за Атанасовски беше донесена и покрај тоа што немаше позитивно мислење од Обвинителството.

На оваа судска одлука реагираше премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека е нелогично да има терористи ако нема организатори.

„Како може да има терористи, а да нема организатори?. Ова е основна логика. Никој не тврди дека луѓето кои беа осудени не направиле грешки или дека не извршиле престапи. Но, тие веќе минаа доволно време во затвор како казна за нивните дела. Останува отворено прашањето за оние кои водеа политички монтиран процес против овие луѓе. Токму тие треба да се запрашаат што направија и да размислат дали нивните постапки беа праведни или водени од некои други мотиви,“ изјави тој.

Долгогодишно судење и политички импликации

Во случајот за настаните од 27 април беа опфатени 32 лица. Од нив, 15 добија амнестија, 16 беа осудени на високи затворски казни, а еден обвинет беше ослободен. Судските одлуки беа потврдени од Апелација и Врховниот суд.

Еден од осомничените, Дејан Давидовски, беше уапсен во Шведска по неколкугодишно бегство. Но, шведските власти го одбија барањето за екстрадиција. Лани, тој сам ѝ се предаде на македонската полиција. Денеска, како сведок за неговата инволвираност во настаните, беше повикан Максим Димитриевски, актуелен претседател на ЗНАМ и поранешен пратеник.

Непосредни последици од амнестиите

Постапката за организаторите на упадот, која беше отворена и против поранешниот премиер Никола Груевски, беше запрена по неговото бегство. Според правни експерти, вчерашните амнестии индиректно се однесуваат и на Груевски, иако тој не беше дел од последните процеси.

Случајот 27 април продолжува да предизвикува контроверзии, со правни и политички последици кои остануваат тема на јавни дебати.