Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел откри дека во 2021 година предложила воспоставување директен дијалог меѓу Европската Унија и рускиот претседател Владимир Путин, но дека планот бил спречен од Полска и балтичките држави. Според неа, ваквиот став на дел од членките придонел за ескалацијата што доведе до војната во Украина.

Во интервју за унгарскиот медиум „Партизан“, Меркел објасни дека целта на нејзината иницијатива била да се намалат тензиите меѓу Москва и Брисел. „Барав формат во кој ЕУ би имала директен контакт со Путин. Сепак, некои земји одбија. На крајот, овој недостаток на комуникација влијаеше на текот на настаните“, изјави таа.

Меркел нагласи дека заедничкиот настап на европските земји е клучен и дека Европа мора да ја зајакне својата воена моќ.

Во делот од интервјуто посветен на односите со унгарскиот премиер Виктор Орбан, поранешната канцеларка ги отфрли тврдењата дека тој е „руски тројански коњ“ во ЕУ. „Не, тоа е глупост. Ние не би се нашле на нешто такво“, изјави Меркел, додавајќи дека ваквите тврдења се апсурдни.

Таа призна дека имале „долги и остри дискусии“, но секогаш биле подготвени за компромис. Во контекст на енергетиката, Меркел изрази несогласување со унгарската политика на продолжено купување руски гас и нафта, но додаде дека Орбан „секогаш ги застапувал економските интереси на Унгарија“.