Цените на нафтата растат четврта недела по ред, бидејќи се очекува зголемување на побарувачката, главно од Кина, додека најголемите извозници на нафта, земјите од ОПЕК, го ограничуваат производството.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,5 отсто, а на американскиот пазар за 2,4 проценти, на 82,5 долари. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар изнесува 86 долари и позитивен ценовен тренд продолжува.
Меѓународната агенција за енергетика претходно процени дека побарувачката за нафта ќе се зголеми за два милиони барели дневно оваа година и ќе достигне рекордни нивоа од речиси 102 милиони барели дневно, најмногу поради закрепнувањето на кинеската економија и кинеската побарувачка, а по укинувањето на мерките за ковид.
Ваков раст на цените, четири недели по ред, не е забележан од јуни минатата година, а тоа е последица на индициите за зајакнување на побарувачката.
Имено, минатата недела Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) процени дека побарувачката за нафта оваа година ќе се зголеми за 2 милиони барели дневно и ќе достигне рекордни нивоа од речиси 102 милиони барели дневно, најмногу благодарение на закрепнувањето на кинеската побарувачка по укинување на мерките за Ковид.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), од друга страна, процени во четвртокот дека побарувачката може да се намали во текот на летото, доколку зголемените каматни стапки во САД ја нарушат вообичаената летна сезона на возење, а рафинериите во Кина не ја зголемат набавката на нафта.
Цените беа поддржани и од слабеењето на доларот. Тоа, всушност, ја стимулира побарувачката на нафта бидејќи ја зајакнува куповната моќ на купувачите со други валути.
Бидејќи се очекува поради намалувањето на инфлаторните притисоци во САД, американската централна банка да го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна минатата недела петта недела по ред.
Поради ова, во средината на неделата индексот на доларот падна на само 100,78 поени, што е најниско ниво од април минатата година. Цените во петокот беа поддржани од податоците кои најавуваат намалување на производството на нафта во САД.