Нови детали по првото сослушување на сопствениците

По трагичниот пожар во швајцарскиот бар „Ле Констеласион“, во кој загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, во јавноста излегуваат нови вознемирувачки информации. Сопствениците на објектот, Жак и Џесика Морети, на сослушување признале дека во барот немало инсталиран спринклер-систем и дека персоналот не бил обучен за постапување во случај на пожар.

Дополнително, утврдено е дека излезите за итни случаи биле блокирани, а меѓу повредените имало и малолетни лица. Како што пренесува телевизијата BFMTV, двајцата сопственици дале одделни и детални искази за настаните што се одвивале кобната ноќ.

Како започнал пожарот и што се случувало внатре

Според нивните сведочења, вечерта во клубот започнала без знаци за опасност. Џесика Морети пристигнала во објектот околу 22:30 часот, додека Жак Морети во тој период се наоѓал во друг локал во нивна сопственост, барот „Сенсо“.

– На полноќ имаше многу малку луѓе. Подоцна клубот се наполни и во еден момент имаше околу 100 гости – рекла Џесика.

Пожарот избувнал кога келнери, носејќи шишиња со запалени прскалки на рамењата, се движеле меѓу масите.

– Одеднаш почувствував немир во толпата. Видов портокалова светлина во еден агол од барот. Веднаш извикав: „Сите надвор!“ и ги повикав пожарникарите – раскажала Џесика Морети.

Во моментот на инцидентот, Жак Морети бил во барот „Сенсо“. Околу 1:28 часот добил повик од сопругата.

– Му реков: „Гори, дојди веднаш!“ Разговорот траеше единаесет секунди.

Кога пристигнал пред „Ле Констеласион“, просторот веќе бил исполнет со густ чад. Главниот влез бил непрооден, а задната врата заклучена одвнатре. Заедно со уште две лица ја обиколил зградата и успеал да ја отклучи вратата.

– Кога се отвори вратата, повеќе луѓе лежеа без свест на подот – навел тој.

Обвиненија за убиство од небрежност

Истрагата набрзо се фокусирала на безбедносните стандарди во клубот. Според наводите на сопствениците, локалот бил преземен во 2015 година и целосно реновиран, а електричните инсталации и вентилацијата биле изработени од надворешни компании.

Клубот располагал со еден главен излез и еден излез за итни случаи, кои, според Жак Морети, биле јасно и соодветно обележани. Фотографиите до кои дошла BFMTV, како што се наведува, ги потврдуваат тие тврдења.

Прскалките што го предизвикале пожарот, сопствениците ги опишале како вообичаена пракса за роденденски прослави.

Во меѓувреме, против Џесика и Жак Морети е подигнато обвинение за убиство од небрежност, ненамерно предизвикување пожар и нанесување телесни повреди.