Универзитетскиот професор и поранешен дипломат Беким Сејдиу официјално ја повлече кандидатурата за претседател на Косово. Како причини ги наведе недостигот од потребната поддршка во парламентот и, според него, компромитираната постапка за избор на нов шеф на државата, јави Косовското радио и телевизија.

Сејдиу преку објава на „Фејсбук“ потврди дека официјално ги известил политичките лидери за својата одлука да се повлече.

Кон крајот на август тој беше предложен како заеднички консензуален кандидат на владејачкото Движење „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти и опозицискиот Демократски сојуз на Косово.

Предлогот произлезе по долги преговори чија цел беше излез од политичката криза. Сепак, уште следниот ден дел од пратениците на Демократскиот сојуз на Косово соопштија дека нема да гласаат за Сејдиу.

„На Република Косово и на нејзините граѓани не им се потребни политички драми и продлабочување на поларизацијата, туку зрелост и обединување во име на зајакнувањето на нашата држава. Од сè срце се надевам дека политичките партии ќе најдат излез од овој маѓепсан круг, кој повеќе од сè ја помрачува надежта на граѓаните за подобра иднина и просперитет за нив и нивните семејства“, напиша Сејдиу.

За избор на нов претседател на Косово е потребна поддршка од најмалку 80 од вкупно 120 пратеници во парламентот.

Од 5 април годинава функцијата вршител на должноста претседател на Косово ја извршува претседателката на парламентот Албулена Хаџиу. Таа ја презеде функцијата откако ѝ истече мандатот на претходната претседателка Вјоса Османи, а пратениците не успеаја навреме да изберат нејзин наследник.