Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека понудената цена на струјата од страна на ЕСМ од 48 евра за мегават час, не е нереална во вакви околности, а најмалку политичка, туку тоа е одговорна одлука.

Бектеши во објава на Фејсбук наведува дека просечната цена за мегават час електрична енергија за периодот јули – декември 2022 година на берзите се движи околу 350 евра.

Во услови на енергетска криза, како одговорна Влада, секогаш им излегуваме во пресрет на граѓаните, така и ќе продолжиме во иднина – нагласува министерот за економија.

Бектеши потенцира дека со мерките кои што досега ги превземала Владата се надоместени 80 отсто од фактурите за струја за домаќинства и над 60.000 компании.

Во оваа насока ќе продолжиме и понатаму се со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови – додава Бектеши во објавата.

ЕСМ беше единствениот понудувач на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули – декември годинава распишан од ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, нудејќи цена од 48 евра за мегават час, што е 17 проценти повисока од претходната.

АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронска аукција, му понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегават час, за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини. Добиената купопродажна цена 48 евра за мегават час за периодот јули – декември 2022 e за 17 проценти повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари – јуни 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават час за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоме – информираа во петокот од ЕВН Македонија.

ЕСМ ваквата своја понуда ја правда со „енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона“.

Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од АД ЕСМ – соопштија од ЕСМ.