Во текот на денешниот ден, најверојатно до утре, ќе ги имаме сите податоци и в петок или о недела ќе ја информираме јавноста за кои видови овошје и зеленчук ќе се замрзнат цените, најави министерот.

Во петок или недела ќе се знае кои видови овошје и зеленчук ќе бидат со замрзнати цени, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Влезните параметри во однос на цените на земјоделските култури од Министерството за земјоделство се веќе стигнати во Министерството за економија и се очекуваат уште податоците од Царинската управа за да се одреди кои видови овошје и зеленчук ќе бидат со замрзнати цени.

„Во текот на денешниот ден, најверојатно до утре, ќе ги имаме сите податоци и в петок или в недела ќе ја информираме јавноста на кои видови овошје и зеленчук ќе се замрзнат цените“, истакна денеска Бектеши откако соопшти дека се замрзнуваат цените на хигиенските производи.

Според Бектеши, најверојатно, повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати, но одлуката, како што рече вчера министерот, ќе зависи од тоа колкава е разликата во делот на маржите за да може и увозните производи, главно овошни, да имаат замрзнати цени.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), кое даде поддршка за можното замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот во периодот што следува, велат дека евентуалното ограничување на цените на овие производи во овој период нема да влијае во намалувањето на откупните цени за земјоделците.