– Околу изјавите на Ибрахими за распределбата на секторите во рамки на Град Скопје, доколку добие независната кандидатка, дека тие во тој случај имале некаков договор да раководат со „Комунална хигиена“ и мислам ЈП „Паркови и зеленило“, сакам да кажам дека ДУИ на изборите на 17 октомври излезе со програма за тоа што им нуди на граѓаните. Ние на граѓаните им нудиме програма, нудиме услови како да се подобри нивниот живот, а не дали одреден функционер од ДУИ би бил директор на некоја институција, потенцираше Бектеши.
Тој, изјавите на Ибрахими ги оцени како несериозни и, како што рече, тоа го утврдија и граѓаните на 17 октомври кога ДУИ во делот на листата на советници доби 26 000 гласови во однос на Алијансата за Албанците, за која, како што рече, не знае дали надминала 11 000 гласови „што би можело да биде резултат 3:1“.