– Моделот по кој ќе бидат поддржани веќе е направен и по консултација со коморите и здуженијата за туризам и угостителство, следната недела мерките ќе бидат објавени. Веќе е направен моделот како ќе бидат поддржани угостителите, ќе се земат во предвид приходите остварени во првите три месеци годинава и согласно приходите кои што ги оствариле, еден дел од тие приходи ќе ги покрие државата во форма на директен грант за секој угостителски објект кој што е затворен. На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките, согласно анализите и можностите во Буџетот ќе ги повикаме сите угостителски здруженија и комори ќе го утврдиме одреден процентот на финансиска поддршка, кажа министерот Бектеши.
Тој ги повика работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне.
– Очекуваме на почетокот на следната недела да се деблокира Собранието и да се донесат законите од Петтиот сет мерки, со кои што е предвидена исплата на плати за работниците за месеците февруари и март, кажа Бектеши.
Министерот во гостувањето во дневникот на Сител кажа дека оптимист е за туристичката сезона годинава, најави дека поддршка за домашните туристички капацитети е предвидена и преку ваучерите за домашен туризам, мерка која неколку години се реализира во рамки на Министерството за економија, а во наредниот период ќе започне кампања за промоција на туристичките потенцијали на земјата.