– Како што почнавме со поддршка на туристичко угостителскиот сектор така продолжуваме. И во овој пакет се предвидени мерки кои ќе бидат еднократна помош или во облик на грант. Угостителските компании кои се регистрирани со шифра на приоритетна дејност 56.10, 56.29, и 56.30 ќе добијат директна помош од 30 отсто од просечно прикажаните приходи за 2019, вклучувајќи ја и 2020 година. Дополнително на тоа ќе добијат и еднократна помош во износ од 15.200 денари за секој вработен во нивните субјекти, рече Бектеши.
На угостителските објекти, додаде тој, кои се основани во текот на 2020 година како просек ќе им се зема периодот од денот на основање, па се до првиот квартал на 2021 година за да се утврди висината на помошта што ќе им се даде.
– Со директна финансиска поддршка ќе бидат поддржани и туристичките агенции иако немаше одлука на Владата за нивно затворање. Сите лиценцирани агенции со Б лиценца, кои имаат од еден до три вработени, ќе добијат до 2.000 евра, а со А лиценца, со четири или повеќе вработени, најмногу 5.000 евра еднократна помош, истакна Бектеши.
Тој нагласи дека се во постојана координација со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство и будно ја следат ситуацијата и ако е потребно, додаде, повторно ќе излезат во пресрет.
Министерот потсети дека и во претходните пакети на мерки, главно во четвртиот пакет, за овој сектор беа одвоени околу 10 милиони евра. Средства беа доделени за, како што посочи Бектеши, ваучери за домашен туризам, враќање на уплатена туристичка такса, директни грантови за туристички агенции агенции, кофинансирање на настани и конференции, грантови за категоризирани ресторани за свадби, за игротеки и за лиценцирани туристички водичи.