Во земјава нема проблем во делот со снабдување и производство на масло за јадење. Редовно сме во комуникација со трите наши домашни производители на масло за јадење и ако е потребно ќе донесеме дополнителни мерки со цел да го ублажиме притисокот во делот на зголемување на цените, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Нагласи дека има одредени покачувања на малопродажните цени на маслото за јадење заради зголемувањето на цените на суровото масло на берзите.
-За основните прехранбени производи како Влада веќе донесовме одлука во делот на намалување на ДДВ-то од 5 на 0 отсто, а правиме и други мерки за утврдување на одредени количини кои преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство би можело да бидат субвенционирани за нашите производители, рече Бектеши, во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Нагласи дека согласно податоците што ги добиваат од производителите на масло за јадење, тие имаат соодветни резерви и редовно ги снабдуваат сите трговци на мало со масло за јадење.
-Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) редовно врши контрола и согласно законските прописи и врз основа на одлуките донесени од Владата веднаш ќе постапат и ќе се преземат соодветни мерки во случај трговците на мало да биле снабдени, а на нивните полици нема масло за јадење. Доколку тие чуваат резерви тоа е спротивно на одлуката на Владата и спротивно на Законот за заштита на потрошувачите и секако дека ДПИ има законско право да направи проверка и да донесе соодветни мерки, прецизира Бектеши.