Мерките дадоа резултат, смета министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска рече дека Македонија е најевтина земја во регионот во делот на цените на прехранбените производи и нафтените деривати, таму каде што владата може да има влијание согласно различни мерки.

Тој вели дека „во април инфлацијата е намалена за 13 отсто, а споредбено со октомври кога почна ценовниот шок намалувањето на инфлацијата е речиси седум отсто“. Бектеши смета дека овој тренд на намалување на инфлацијата ќе продолжи, а ако не се случи нешто непредвидливо, очекува во јуни таа да биде под пет отсто.

Иако од октомври до март, разликата меѓу месеците во делот на трошоците за живот на цени на мало, посебно на храната и безалкохолните пијалоци се одвиваше од околу два отсто, само споредбено од март и април оваа година, имаме речиси повеќе од двојно намалување споредбено со другите месеци. Имаме намалување само за еден месец од 5,2 отсто во делот на трошоците на живот на мало за храна и безалкохолни пијалоци, посочи Бектеши.

Министерството за економија, рече Бектеши, секојдневно ги следи случувањата во делот на утврдување на цените и во трговијата на големо и во трговијата на мало, а паралелно на тоа, не се укинати ниедна од мерките во делот на поддршката на стопанството со цел да се зголеми нивната продуктивност, да се зголеми производството, но и конкурентноста.

Во однос на цените на прехранбени производи, Бектеши најави дека Министерството за економија ќе продолжи да оддржува консултации со сите стопански комори, Организацијата на потрошувачи и со сите засегнати страни во делот на дизајнирање на нови мерки на поддршка, посебно на најранливите категории на граѓани.

Само од октомври 2022 до крајот на април годинава, имаме намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во нашата држава, рече Бектеши.

Според него, цените на суровините и цените на енергенсите се на ниво на кое можат дополнително да се намалуваат, а Владата, како што рече, почнува процес на консултации за дизајнирање на нови мерки со цел да им излезе во пресрет на најранливите категории на граѓани.