Менаџментот на компанијата информираше за инвестирањето на дистрибутивен центар, како и за плановите за раст и развој во наредниот период.
-Ова уште еднаш докажува дека во Северна Македонија се создава стабилна клима во однос на инвестициите и не само во привлекување странски инвестиции, туку и во поттикнување и стимулирање на растот на домашните инвестиции. Би сакал јавно да му честитам на менаџментот, раководството, сопствениците на компанијата „Кипер маркет“ кои континуирано ги зголемуваат своите капацитети и не само во однос на зголемување на инвестициите, туку истовремено индиректно и директно влијаат на зголемувањето на другите економски капацитети, кажа министерот Бектеши.
Според него, „Кипер маркети“ соработуваат со скоро 50 локални добавувачи, што докажува дека покрај отворањето работни места директно од компанијата, тие влијаат и на растот на работните места во другите производствени компании во земјава.
-Во текот на изминатата година ние како Влада започнавме со мерки за директна финансиска поддршка за сите компании кои имаат храброст и инвестираат дури и во време на пандемија и го зголемуваат бројот на вработени. Мило ми е што токму со оваа помош, колку и да е мала за компанија како “„Кипер маркет“, со поддршка на Владата се зголеми нивниот капацитет. Сакам јавно да го повторам фактот дека со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и другите владини мерки и програми Владата, Министерството за економија, сите централни и локални институции секогаш ќе бидат покрај инвеститорите за заеднички да ја зголемат благосостојбата во нашата земја за граѓаните, кажа министерот.
Бектеши потенцираше дека со последните измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои веќе стапија на сила, се зголемува поддршката на компаниите во останатите понеразвиени региони во државата, се со цел да има поголем регионален развој.
Генералниот директор на „Кипер маркети“, Висар Јакупи се заблагодари на поддршката од Владата и од Министерството за економија за реализација на инвестицијата во изградба на дистрибутивен центар во Желино, и потенцираше дека тоа за нив ќе придонесе за поголем раст и развој на компанијата.
На новинарско прашање за помош во стопанството поради најновите мерки од кои се погодени угостители и трговски центри, Бектеши рече дека секојдневно ги следат движењата.
-Секогаш кога Владата носи целосни рестриктивни мерки, целосен локдаун, каде што одредени сектори не може да работаат, дополнително даваме можност за рекавери период за да може да инвестираат одредени компании со цел да ги зачуваме работните места. Ќе креираме и дизајнираме, економски мерки, во соработка со одредени угостителски сектори, во склоп на стопанските коморни во нашата држава и во случај да има рестриктивни мерки ќе има поддршка од Владата за да ги сочуваме работните места, рече Бектеши.
Министрите присуствуваат и на почетокот на работите за продолжување на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово.