Македонија е дел од Европа и само со заеднички мерки можеме да се справиме со енергетската криза, истакна министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Прага, каде учествуваше на неформален министерски состанок за енергетика на Европската унија.

Како што соопшти Министерството за економија, на состанокот, на кој обраќања имаа домаќинот, чешкиот министер за трговија и индустрија Јозеф Сикела и еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон, беше претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени за потрошувачите во Европа.

На неформалниот состанок, на кој покрај земјите од Европската унија, присуствуваа и членките на Европската енергетска заедница, министерот Бектеши во своето обраќање истакна дека Западниот Балкан треба да биде вклучен во предлог мерките на Унијата, додавајќи дека очекуваме поддршка од ЕУ, затоа што Северна Македонија е дел од Европа и само заедно можеме да ја надминеме оваа криза.

– На состанокот со министрите за енергетика на ЕУ разговаравме за тоа Западниот Балкан да биде вклучен во нивните предлог мерки кои најверојатно би требало да бидат усвоени во наредниот период. Ние како Северна Македонија го кажавме нашиот став во тоа што очекуваме како поддршка од страна на ЕУ со конкретни мерки, а кои ќе бидат таргетирани само за земјите од Западен Балкан, бидејќи како што наведовме и на состанокот, ние се чувствуваме како дел на европскиот континент и само заеднички ќе можеме што подобро да се справуваме со енергетската криза, рече министерот Бектеши.

Мерките кои што ги предлага Европската комисија, а кои треба да се донесат следниот месец, предвидуваат земјите членки да изберат соодветни чекори со што ќе обезбедат намалување на вкупната потрошувачка на електрична енергија за 10 отсто до крајот на март 2023 година, односно задолжително намалување на потрошувачката за најмалку 5 проценти во часовите на шпиц во периодот помеѓу 1 декември 2022 година и 31 март 2023 година.

Како што е наведено во соопштението од Министерството за економија, меѓу мерките за справување со енергетската криза е и ограничување на приходите за производителите на електрична енергија и распределба на вишокот приходи. Оваа мерка би се применувала за производители на електрична енергија од обновливи извори, нуклеарки и централи на лигнит, тресет и мазут. Пазарните приходи се ограничени на 180 евра за мегават час, а остварените вишок приходи би се користеле за ублажување на влијанието на високите цени врз крајните потрошувачи.

Како една од мерките што ја предлага Европската комисија е и солидарен придонес од бизнисите со фосилни горива, кој би се применувал за компании што се занимаваат со производство или трговија со јаглен, природен гас, сурова нафта и нафтени производи, вклучувајќи и рафинерии.

Собраните средства би се користеле за поддршка на семејствата и бизнисите за да се ублажи ефектот од високите цени на енергијата.

– Пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ, беше одржан состанок на земјите членки на Енергетската заедница со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лоркривски, на кој се дискутираше за очекувањата за снабдување со енергенси, како и за мерките што ги превземаат членките за справување со енергетската криза, се додава во соопштението.