Министерот за економија Крешник бектеши денеска пред медиумите објави дека на утрешната седница со владина одлука ќе се замрзнат цените на хигиенските производи.

– Утре на седница на владата ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи. Не можеме да ги чекаме собраниските комисии преку измени на Законот за ДДВ да се намалат стапките на оданочување на некои хигиенски производи, рече Бектеши.

Тој рече дека станува збор за поширока лепеза на производи која ќе биде објавена утре. Замрзнувањето ќе биде со процентуално намалување на цените во однос на претходен датум што ќе биде одреден.

Бектеши додаде дека нема да ги каже конкретните производи затоа што трговците денес и утре би можеле да направат злоупотреби. Додаде дека оваа недела ќе се замрзнат цените на неколку земјоделски производи врз основа на анализа од Министерството за земјоделство.