Граѓаните да им веруваат на институциите, а не на изјавите што ги даваат некои политичари за дневно собирање политички поени, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со обвинувањата на Цветан Трипуновски дека во продавниците има над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин.

Одговорајќи на новинарски прашања, Бектеши напомена дека веќе ја споделил информацијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку својот фејсбук профил.

АХВ е најкомпетентна институција за тоа во државата и јас имам целосна доверба во тоа што го кажува, а и граѓаните треба да им веруваат на институциите, а не на изјави што ги даваат политичари за некаква придобивка или за дневен интерес и собирање политички поени – потенцира Бектеши.

Трипуновски на фејсбук објави дека „на 21 септември оваа година во Македонија се увезени преку 20 тони трајно млеко од Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година“ и дека ова млеко е пуштено во промет иако во него детектиран афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво.

Извор: Republika.mk.