Белгиските работници ќе можат да работат четири дена во неделата, според владиниот договор чија цел е да се зголеми флексибилноста на инаку крутиот пазар на трудот.
Говорејќи пред новинарите откако седумчлената владејачка коалиција постигна договор денеска, премиерот Александар Де Кро рече дека пандемијата на коронавирус ги принудила луѓето да работат во пофлексибилни услови и да го комбинираат приватниот и деловниот живот.
– Ова доведе до нови начини на работа, нагласи Де Кро.
Работниците кои ќе го побараат тоа ќе можат да работат и до 10 часа дневно доколку синдикатите се согласат, наместо максимум осум како досега, да работат еден ден помалку неделно за иста плата.
Тие ќе можат да изберат дали ќе работат повеќе во една недела, а помалку во следната.
Договорот го предвидува и правото на работникот да не му биде достапен на работодавачот по истекот на работното време. Тоа ќе го овозможат компании со над 20 работници.
Тој, исто така, дефинира нови правила за работниците на платформата, оние кои работат за платформи како што е Uber, вклучувајќи нови критериуми според кои тие се сметаат за вработени.