Почнувајќи од денеска, па во текот на следната недела Белгија ќе биде зафатена од студен бран со температури под нулата, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти белгискиот Кралски метеоролошки институт, Белгија ќе биде зафатена со најстуденото време од февруари 2021 година, при што температури ќе се движат од минус 5 до нула степени Целзиусови.
Ваквото време е резултат на т.н. ефект „Москва-Париз“, предизвикан од комбинација на зоната под висок притисок над Велија Британија и Ирска и студените ветрови од реонот на Скандинавија, каде температурите изминативе денови се спуштија од -40 до -20 степени Целзиусови.
Ветерот од скандинавскиот региони ќе резултира со студен бран, кој најмногу ќе ги погоди Белгија, Холандија и северните делови на Франција, при што се очекува претежно сончево време со ниски температури и минимални врнежи.
Белгија веќе беше зафатена од невреме од почетокот годинава, проследено со поројни дождови и силен северен ветер, што предизвика поплави и оштетувања во неколку реони на земјата. Областа на северниот белгиски град Антверпен, пак, во средата ја погоди торнадо, при што беа нанесени значителни материјални штети на над 40 домови.