Поднел приговори генерирани од АИ – судот утврди злоупотреба
Апелацискиот суд во Антверпен изрече парична казна од 25.000 евра на адвокат поради „злоупотреба на постапката со неправилна употреба на вештачката интелигенција“. Адвокатот поднел приговори генерирани од АИ, кои според судот биле „апсолутно бесмислени“.
„Тие беа некохерентни, целосно ирелевантни и содржеа неважни аргументи, дополнително поткрепени со непостоечка судска пракса и измислени правни извори“, се наведува во образложението на пресудата.
Слични случаи во Белгија
Белгиските медиуми потсетуваат дека ова не е прв случај на користење на АИ во судски документи. Пред неколку месеци, Апелацискиот суд во Гент открил приговор со „фантастични заклучоци“ генерирани од АИ во случај поврзан со семејно право. Тогаш не беше изречена казна, туку приговорот беше отфрлен како содржејќи „грешки и недоследности“.
Претходно во Трговскиот суд во Гент, адвокат цитирал одлуки на Касацискиот и на Уставниот суд на Белгија, кои никогаш не постоеле, а судот утврдил дека се измислени од АИ.
Ризиците од користење на АИ во правото
„Првично, казните за тоа беа околу сто долари, а сега можат да достигнат и до 25.000 долари“, изјави белгискиот адвокат Тома Дубисон за радиодифузниот сервис РТБФ.
Тој додава дека вештачката интелигенција може да биде корисна за административни задачи, но не смее да го замени правното расудување:
„Вештачката интелигенција има тенденција да халуцира. Никогаш не треба да се прави „копи-пејст“ на информациите без да се проверат. Треба да се користат традиционални правни бази на податоци што се потпираат на правна доктрина и сигурни извори“, додава Дубисон.
Белгија сè уште е на почетна фаза на воведување на АИ во судството, додека во САД оваа пракса е значително поширока, со што се успоруваат и натрупуваат судските процеси.
