Прва официјална посета и средби со државниот врв
Министерот за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево, утре ќе започне дводневна посета на земјава. Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека ова е прва посета на Прево на земјава. Во рамки на престојот е предвидена тет-а-тет средба со Муцунски, по што ќе следи пленарна средба меѓу двете делегации и заедничка изјава за медиумите.
Фокус на билатерална соработка и европска перспектива
Главни теми на разговорите ќе бидат унапредувањето на политичките и економските односи меѓу двете земји. Посебен акцент ќе биде ставен и на процесот на проширување на Европската Унија, како и на поддршката на Белгија за европската интеграција на земјава.
Дел од регионална турнеја низ Западен Балкан
Посетата на Белгискиот министер е дел од негова турнеја низ Западен Балкан. Во рамки на таа агенда, тој ќе ги посети и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, со цел поддршка на нивните евроинтегративни процеси.
