Српските власти ѝ го одбиле денеска барањето на косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Доника Грвала да влезе во земјата, објави попладнево косовското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, шефицата на косовската дипломатија побарала дозвола, согласно договорот постигнат со посредство на Брисел, за посети на официјални лица од едната во другата држава, меѓутоа официјален Белград го одбил нејзиното барање.
Намерата на Грвала била да ги посети Прешево, Медвеѓе и Бујановац, градови во Прешевската долина, регион во јужна Србија населен со мнозинско албанско население.
– Ние побаравме дозвола. Посетата пропадна поради нечесните игри на Белград. Ќе се обидеме посетата да ја реализираме во блиска иднина, се вели во соопштението на косовското МНР.
Српските медиуми денеска објавија дека и Приштина го одбила барањето на директорот на Канцеларијата за Косово при владата во Белград, Петар Петковиќ да го посети Косово, додека пред неколку дена косовските медиуми информираа дека српските власти не им дозволиле на неколку косовски министри да ја посетат Прешевската долина.