Министерството за надворешни работи на Србија апелираше до сите граѓани кои планираат патување во странство навреме да се информираат за безбедносната состојба во земјите до кои патуваат или низ кои транзитираат.

За таа цел, на официјалната веб-страница на Министерството е објавен ажуриран „семафор“ – систем на препораки за патување, во кој државите се класифицирани според степенот на безбедносен ризик. Категориите се означени со четири бои – од зелена, која означува низок ризик, до црвена, која претставува сериозно предупредување за патниците.

Како што наведуваат властите, целта на овие препораки е граѓаните навремено да бидат информирани за потенцијалните предизвици, било да се работи за политичка нестабилност, здравствени ризици или општа безбедност. Проценките редовно се ажурираат во согласност со глобалните случувања, а на граѓаните им се советува да ја проверат состојбата непосредно пред патување.

Во црвената категорија се наоѓаат 23 земји во кои, од безбедносни причини, не се препорачува патување. Од нив, 14 се на Блискиот Исток: Бахреин, Израел, Ирак, Иран, Јемен, Јордан, Катар, Кувајт, Либан, Оман, Палестина, Саудиска Арабија, Сирија и Обединетите Арапски Емирати. На листата се и Украина, Авганистан, Либија, Гвинеја Бисао, Јужен Судан, Мали, Сомалија, Судан и Централноафриканската Република.

Портокаловата категорија опфаќа 28 земји за кои важи препораката „патувајте само во случај на крајна потреба“. Единствената европска држава во оваа категорија е Хрватска.

Во жолтата категорија, каде се советува „патување со дополнителни мерки на претпазливост“, се наоѓаат 61 земја, а од Европа на оваа листа е само Албанија. Сите останати држави се класифицирани во зелената категорија, што значи дека патувањето е дозволено со вообичаени мерки на претпазливост.

Фактот што Хрватска се најде во портокаловата категорија предизвика изненадување и во Хрватска и во Србија. Српското Министерство за надворешни работи објави и дополнително објаснување за оваа препорака.

„Поради најновите настани во Република Хрватска и сè почестите инциденти, тензии и неповолни безбедносни околности, препорачуваме граѓаните на Република Србија да не патуваат во Република Хрватска во наредниот период, освен ако не е апсолутно неопходно.

Доколку патувањето е неопходно, се повикуваат граѓаните да избегнуваат јавни собири и места каде што може да се очекуваат провокации, да покажат претпазливост во комуникацијата и да се грижат за личната и имотната безбедност.

Особен безбедносен ризик претставуваат организираните патувања, односно пристигнувањата на спортски екипи и културни делегации во Република Хрватска, а спортските федерации и културните друштва се повикуваат да се консултираат со надлежните органи за секое патување со цел да се процени ризикот и да се преземат превентивни мерки“, се наведува во соопштението на српското Министерство за надворешни работи.