Средба на сите политички и општествени фактори и барање за техничка влада

Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, најави иницијатива за создавање широк опозициски фронт против, како што го нарече, „нарко режимот на Еди Рама“. Тој соопшти дека опозицијата планира координирани активности со цел отстранување на актуелната власт во Албанија.

Бериша информираше дека в петок ќе биде организиран состанок на кој ќе бидат поканети сите политички партии и влијателни фактори во албанското општество. Целта, како што рече, е да се формира заеднички фронт и да се преземат сите форми на дејствување, вклучувајќи протести, демонстрации и други облици на граѓански притисок.

– Ова е голем повик за Албанците да се кренат на бунт за да му го дадат на својот нарко диктатор истиот срамен крај што го имаше нарко диктаторот на Венецуела, рече Бериша на средба со новинарите во седиштето на партијата.

Барање за техничка влада и услови за изборен процес

Тој повтори дека Демократската партија останува на ставот дека е неопходно формирање техничка влада која ќе го подготви изборниот процес. Според него, без таков договор нема да има предлагање кадри од страна на ДП.

– Откако ќе се постигне договор за техничка влада, без сомнение ДП ќе продолжи понатаму или ќе ги презентира своите предлози заедно со другите политички сили, изјави Бериша.

Тој нагласи дека опозицијата нема да застане со досегашните активности. Како што најави, следуваат уште посилни и помасовни антивладини протести, не само во Тирана, туку и во други градови низ земјата.

Бериша не ја исклучи можноста за радикализација на протестите, посочувајќи дека опозицијата е подготвена и на штрајкови со глад доколку тоа го наложат околностите.