Вакви пораки вчера испратија новата германска државна министерка за Европа, Ана Лирман на средба со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во Берлин и амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, што се оценува како знак на континуитет на позициите на Берлин во насока за изградба на Европа базирана на вредности и принципи и со фокус на македонското европско досие како клучен приоритет.
– Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан, нагласи Димитров на средбата со Лирман.
Димитров, кој беше прв странски гостин на Лирман од нејзиното стапување на должноста, во разговорите детално ги претстави достигнувањата и предизвиците на Македонија на патот кон Европската Унија, како и приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот.
– Северна Македонија и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, при што во Германија гледаме еден столб на Европа, како сила што влече кон добро и како на исклучително важен партнер – и политички и економски, истакна Димитров.
Претходно, на средби ма Димитров со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со државниот секретар во германското МНР, Мигуел Бергер, беше оценето дека политиката на проширување е најважната алатка на надворешното дејствување на ЕУ, како и дека македонското евроинтеграциско досие е клучно за кредибилитетот на Унијата.
Санино на средбата истакнал дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додека Бергер нагласил дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалициониот договор на новата Влада.
Германската амбасадорка Холштајн во интервјуто за Дојче веле истакна дека официјален Берлин не поддржува никакви алтернативи за полноправното членство на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и нагласи дека очекува брз почеток на пристапните преговори на Македонија.
Таа во интервјуто напоменува дека во коалицискиот договор на новата германска Влада предводена од канцеларот Олаф Шолц, има јасни насоки за натамошна поддршка за Западниот Балкан и конкретни насоки во однос на Македонија.
– Ние го поддржуваме пристапниот процес кон ЕУ на шесте држави од Западниот Балкан и потребните реформи за исполнување на сите Копенхашки критериуми. Во оваа рамка го засилуваме граѓанското општество и ги поддржуваме натамошните чекори за приближување, нагласи Холштајн.
Потсетувајќи дека ЕУ е заедница на држави во која владее принципот на консензус, Холштајн во врска со спорот со Бугарија напомена дека Германија и под водството на Ангела Меркел сторила се што е во нејзина моќ „за да го ослободи патот на земјава кон ЕУ“, а вети безрезервна поддршка и од новата германска Влада на Шолц.
Во врска со тоа дека во Скопје и Софија наскоро ќе има нови влади и колку е реално очекувањето спорот да се реши до првата половина на јануари, Холштајн вели дека Македонија сторила сѐ за да биде слободен патот за првата меѓувладина конференција, и предусловите се тука.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи синоќа изјави не очекува да се случи раздвојување на Албанија и Северна Македонија на европскиот самит во декември на кој повторно ќе се разгледува дали двете земји ќе почнат преговори со Европската Унија.
– Се надевам дека сериозноста ќе биде на последиците од ова одложување, од ова неефектуирање на сопствените одлуки од страна на ЕУ, кои што значително ќе влијаат на довербата на самата Унија во регионот и ќе доведе до ситуација и двете држави да почнат најдоцна во јануари со преговорите, рече Османи во разговор за Топ тема на Телевизија Телма.
За тоа дали има француска иницијатива за надминување на спорот со Бугарија, Османи вели дека тоа било извадено од контекст од изјавата на вицепремиерот Артан Груби, но оти во последно време е видлива една француска проактивност во изнаоѓање на решение.
– Тоа е добро за регионот и за европската перспектива на регионот имајќи ја предвид тежината на Франција во ЕУ.., а имајќи ја тука предвид и проактивноста на Германија која што е константна и силна, кога двете најсилни држави на ЕУ покажуваат таква проактивност се разбира дека дава надеж на целиот регион дека сепак овој процес има иднина, рече Османи.
Запрашан за тоа дека Бугарија веќе го потврди своето вето за старт на преговорите со одлуката за неменување на позициите во однос на Северна Македонија на декемврискиот Совет за општи работи, Османи рече дека тоа е став на техничката Влада во Софија.
– Во преговорите има и одредени тактички позиционирања со цел да се изгради подобра позиција за секоја од страните. Јас повеќе го сакам пристапот на доверба и отворен и транспарентен разговор отколку на тактички позиционирања. Ние сме сепак најблиски соседи и треба да живееме заедно, вели Османи.
Во меѓувреме, претходните два дена во онлајн формат се одржа 16. редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, по која, како што соопшти МНР, остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.
Како што наведоа од МНР, во текот на двата дена членовите на Комисијата повторно дискутирале по забелешките за учебниците по историја, при што биле соочени концептот на мултиперспективност, наспроти исклучивиот пристап.
– Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап, стои во соопштението од МНР.
Според МНР, состанокот покажал дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.
Копретседателот од македонска страна на Заедничката експертска македонско-бугарска историска комисија, Драги Ѓоргиев вели дека застојот во работата Комисија датира од октомври 2019 година со донесувањето на „Рамковната позиција“ на Бугарија за старт на преговорите со Македонија, вели.
– Застојот во работата на Комисијата настана во октомври 2019 година кога веќе почнаа да се усвојуваат разни декларации и рамковни позиции во Собранието пред се на Република Бугарија и кога Бугарија ја усвои рамковната позиција во однос на прашањето. Ние апсолутно се трудиме политиката да ја апстрахираме во нашата работа и сите дискусии кои се водат денес се во духот на академското разбирање на минатото. Ние работиме во еден политички контекст и не може да се избегне политичкиот контекст, меѓутоа, сепак, сакам да потврдам дека работата на Комисијата е апсолутно надвор од секакви политички влијанија и ние се трудиме да остане така, и досега, а и во понатамошната работа на Комисијата, вели историчарот Ѓоргиев.
Тој потврди дека на дводневниот состанок што се одржа онлајн, се разговарало за претставувањето на државата на цар Самоил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претставувањето на тој настан во учебниците.
Дека состанокот завршил без резултати потврди и претседателот на бугарскиот тим Комисијата, Ангел Димитров на брифинг во Министерство за надворешни работи на Бугарија.
Тој информира дека членовите на Комисијата на средбата успеале да го усогласат записникот од 12. состанок што се одржа на почетокот на 2021 година, во што, според него, има симболика.
На денешната, како што оцени Димитров, „неплодна средба“ историчарите зборувале за цар Самуил, посочувајќи дека се уште „се заглавени во 10. и 11. век“. Тој додаде дека стравува оти работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.
Договорено е следната средба на Комисијата да се одржи на 24 и 25 февруари 2022 година.
Бугарскиот став во однос на процесот на проширување на ЕУ и стартот на преговорите на земјава вчера го повтори и претседател на Бугарија, Румен Радев во телефонски разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Радев нагласил дека европската интеграција на Република Северна Македонија е во интерес и на Бугарија и на регионот, но дека е потребна политичка волја за решавање на отворените прашања во отворен билатерален дијалог меѓу Софија и Скопје, а не преку постојани напори да се постигне надворешен притисок врз Бугарија.
– Само така во ЕУ нема да бидат внесени нерешени проблеми, ќе се заштитат европските вредности и ќе се отвори патот на нашиот југозападен сосед кон неговата целосна европска интеграција, му порачал Радев на Мицотакис.
Во Софија вчера беше потпишан коалицискиот договор за формирање нова влада на Бугарија меѓу Промената продолжува (ПП), Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија и Има таков народ.
Според копретседателот на ПП, Кирил Петков, договорот е на 140 страници и ќе овозможи коалицијата да биде стабилна и да работи долго време. – Има детални политики, има многу сериозни очекувања и секој министер од оваа влада ќе мора да се справи со овие задачи, додаде Петков.