Централното собрание донесе одлука со мнозинство гласови, Касами доби овластување да ги продолжи разговорите за иднината на коалицијата
Собранието на политичката партија Беса донесе одлука за разрешување на партиското раководство, потег кој од партијата го оценуваат како чекор кон понатамошно обединување на Вреди во единствен политички субјект. Одлуката е донесена на седница на Централното собрание, каде мнозинството членови ја поддржале иницијативата за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса.
Од партијата соопштуваат дека одлуката е дел од процесот што веќе е започнат, а се однесува на трансформација и структурирање на Вреди. Собранието оценило дека со ваквиот чекор ќе се отвори простор за понатамошно организирање на коалицијата. Одлуката, како што наведуваат, се темели и на мораториумот за партиски активности кој претходно бил договорен меѓу политичките субјекти што ја сочинуваат Вреди.
„Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на Вреди, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на Вреди и сите Албанци. На состанокот на Собранието беше дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега”, објави Билал Касами.
Од Беса информираат дека анализата на ангажманот на нивните функционери ќе продолжи и во следниот период. Според партијата, резултатите од оваа анализа треба да бидат земени предвид во рамки на идната реконструкција на Владата.
Во партиското соопштение се наведува дека учеството во извршната власт го гледаат како инструмент за подобра и поефикасна услуга кон граѓаните. Притоа нагласуваат дека при донесувањето на идните политички одлуки ќе се водат од тој принцип, со посебен акцент на интересите на граѓаните и на Албанците.
