Американскиот актер Винсент Пасторе, најпознат по улогата на Салваторе „Биг Пуси“ Бонпенсиеро во телевизиската серија „Сопранови“, почина во њујоршкиот кварт Бронкс на 81-годишна возраст.

Неговиот менаџер, Роберт Атерман, објави дека пријателите го пронашле телото на Пасторе во неговиот дом во Бронкс, пренесе „Њујорк тајмс“.

Пасторе го пронашол неговиот долгогодишен пријател и асистент Стивен Вилано, кој се загрижил откако актерот не одговарал на повиците неколку дена. Неговото семејство соопшти дека точната причина за смртта засега е непозната, а некои непотврдени извештаи сугерираат дека тој починал мирно во сон.

Противпожарната служба на Њујорк добила повик за маж во несвест во саботата околу 14:30 часот. По пристигнувањето на адресата можеле само да констатираат дека е мртов. Подоцна попладнето, полицијата започнала истрага за околностите на инцидентот, што е стандардна процедура во вакви случаи, но засега нема индикации дека станува збор за сомнителна смрт.

Винсент Пасторе е роден на 14 јули 1946 година во Бронкс, а пораснал во Њу Рошел. Пред да стане актер служел во американската морнарица во текот на војната во Виетнам, а по враќањето се запишал и завршил студии по драма на Универзитетот Пејс. Со години управувал со неколку ноќни клубови во Њујорк пред да одлучи професионално да се сврти кон глумата во раните четириесетти години.

Актерската кариера ја започна кон крајот на 1980-тите години. Неговото прво големо појавување беше во филмот „Добри момци“ (Goodfellas) на Мартин Скорсезе во 1990 година. Потоа глумеше во „Патот на Карлито“ (Carlito’s Way) во 1993 година, комедијата „The Jerky Boys“ во 1995 година и филмот на Еј-би-о „Готи“ „Gotti“ во 1996 година, во кој го играше мафијашот Анџело Руџеро, заедно со идните колеги од „Сопранови“ – Тони Сирико, Френк Винсент и Доминик Кјанезе.

Пасторе ја стекна најголемата слава по улогата на Салваторе Бонпенсиеро во серијата „Семејството Сопранови“. Неговиот лик првично беше близок пријател на главниот лик, шефот на мафијата Тони Сопрано (Џејмс Гандолфини), но подоцна стана доушник на ФБИ.

Во текот на кариерата Винсент Пасторе се појавил во повеќе од 180 филмски и телевизиски улоги.