Данокот на солидарност, кој е замислен како еднократен данок и се однесува само на најголемите компании, има пред се солидарен ефект и треба да ја покаже општествената одговорност на сите нас, и на тие што сме во политиката, и на бизнис заедницата. Одговорност да се справиме со кризата ние сега, а не да платат идните генерации.

Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими во изјава за БлумбергАдриа, во кое говореше за даночната реформа и очекувањата за економскиот раст.

„Данокот на солидарност, како што се нарекува во последниот предлог, а како што е наречен и во самата ЕУ директива, не е дел од даночната реформа. Тој нема за цел да се зголемат расходите во Буџетот, туку на веќе донесен Буџет со овие дополнителни средства ќе го намалиме буџетскиот дефицит и јавниот долг и истите ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата. Со ова  како генерација ќе се справиме со предизвиците што ги имаме денес, а не како товар за идните генерации. Тоа е целта на овој закон, како еднократно решение, кое се препорачува од ЕУ и е во исклучителни околности како што е сега во време на криза“, истакнува Бесими.

Министерот наведувајќи дека тоа е и согласно Уставот каде општествената одговорност е една од уставните одредби, рече дека станува збор за специфичен данок, од кој средствата ќе одат во посебна програма во Буџетот за антикризни мерки.

„Тоа значи дека точно ќе биде определено за каква намена ќе бидат тие средства. Дополнително на тоа доколку ЕУ беше подготвена да даде 80 милиони евра грант, кој не е кредит, туку грант, што се пари од даноци на граѓани на ЕУ за нас за справување со кризата, и ние треба да покажеме дополнителна волја да собереме дополнителни средства за да го финансираме тоа. И доколку не се финансира на овој начин, тоа ќе значи дека ние би требало да се задолжиме во ова време кога на финансиските пазари каматните стапки се високи, не само ние туку и идните генерации ќе ја платат цената на ова. Тоа е одговорност на оваа генерација, кон идните генерации не само на Владата, туку и на сите политичари и бизнис заедницата да одговориме денес за тоа што ни се случува нас, а не товарот да го пренесеме во идните генерации“, порача министерот Бесими.