Бесими кој пред членовите на Комисијата го образложува Предлог-буџетот за 2022 година, истакна дека се очекува годивата да ја завршиме согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 отсто со можност за негово надминување.
-Во 2022 година ќе имаме развоен буџет. Неговите четири основни цели се: продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестициите при истовремено спроведување на фискална консолидација, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатланските интеграции. Поткрепа на остварување на целите од Буџетот во 2022 година се и донесените стратешки документи со среднорочна рамка од 2022 до 2026 година, како Фискалната стратегија, Стратегијата за јавен долг, Планот за фискална одржливост и економски раст, Планот за забрзан економски раст, Планот за јавни инвестиции, Програмата за економски реформи и др. Во насока на инклузивно креирање на политиките, ги вградивме и препораките за политиките и реформите од конференциите, дебатите и настаните на Skopje Economic Finance Forum, напомена Бесими.
Вкупните расходи се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 отсто од БДП, додека вкупните приходи се планираат на 238,9 милијарди денари или 30,9 отсто од БДП, при што дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, кои, како што потенцира Бесими, единствено ќе се користат за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари, а остатокот ќе се финансира од сопствени приходи.
-Вкупните приходи на Предлог-Буџетот за 2022 година се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од проценетите приходи годинава. Само кај даночните приходи за 2022 година кои се планирани во износ од околу 136,5 милијарди денари има зголемување за 10,2 отсто во однос на 2021 година, а при тоа сакам да истакнам дека имаме воведено втора повластена стапка од 10 проценти и повластена стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата. Главната цел на даночната политика е обезбедување одржлив економски раст и развој притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи, рече Бесими.
Вкупните расходи се проектирани на 272,4 милијарди денари и има номинално зголемување за само 1,4 отсто од годинава или за 3,7 милијарди денари. Сепак, вкупните буџетски расходи се пониски како процент од БДП.
-Тековните расходи за 2022 година се планирани во износ од 234,6 милијарди денари и се за два отсто помалку во однос на планот за 2021 година или за 4,3 милијарди денари помалку. Со намалувањето на несуштинските расходи, како и со воведувањето на стандарди на трошење се постигнува поефикасно користење на ресурсите за работа преку подобрено планирање и реализација на оперативните расходи. Расходите за исплата на плати се на ниво од 32,7 милијарди денари. Остануваме на определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, рече министерот.
Расходите за стоки и услуги се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари, додека субвенциите се планирани на ниво од 24,4 милиони денари. Социјалните трансфери, пак, ќе бидат 124,5 милијарди денари.
-Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 отсто во однос на 2021 година или 8 милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се планираат на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, подвлече Бесими.
Во експозето, тој се осврна и на реализацијата на Буџетот од 1.01 2021 до 31.10.2021 година.