Платите во јавниот сектор ќе растат според добровоспоставен систем, на кој веќе активно се работи, односно една методологија која ќе ги опфати сите во јавниот сектор. Платите не се замрзнуваат до идната година, и годинава веќе имаше раст на платите во јавниот сектор за усогласување со минималната плата, согласно системското решение со закон кое го донесовме минатата година. Време е за фер решение за сите вработени во јавниот сектор, а не парцијални преговарања на секои шест месеци, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на одговор на новинарски прашања.
„Во ниту еден случај не е спомнато замрзнување на платите, напротив ние во последните три-четири години во цел јавен сектор има нагорно движење на платите, во образование, во здравство, во безбедносните структури, во инспекторати, судство, обвинителство, секаде кадешто е констатирана потреба, секоја година имало корегирање на платите нагоре. И сега работиме на еднос системско решение кое ќе важи за сите“, вели министерот за финансии Бесими.
Министерот посочи дека сегашниот систем на плати во јавниот сектор е многу фрагментиран, има парцијални решенија кои делумно ги решаваат работите, а создаваат поголеми проблеми. Со новото решение, а во соработка со синдикатите, кои се партнер на Владата, ќе се надмине овој проблем и ќе се креира фер систем за сите вработени.
Бесими истакна дека од општ интерес е ова решение што побргу да се постигне. Досега Владата докажала дека може да воспостави добар систем и одржливи решенија преку законските решенија за усогласување на пензиите и минималната плата. И тоа е заеднички успех на Владата и синдикатите постигнат преку инклузивен процес и конструктивен дијалог во рамките на Економско социјалниот Дијалог.