Капиталните расходи заклучно 11 септември се остварени во износ од 26 милијарди денари или тоа е натфрлање за 136% во однос на лани. Континуирано се работи на зголемување на сумата за капитални расходи во буџетот, но и во подобрување на нивната реализација, поради нивниот мултипликативен ефект во економијата, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими, во гостување во „Дневникот“ на националниот сервис МРТВ.
Бесими истакна дека пренасочувањето на дел од средствата од капиталните расходи со прераспределбата во Буџетот, за зголемување на платите во јавниот сектор и пензиите, е од проекти каде динамиката на реализација тоа го дозволува, како и дека значајни заштеди со прераспределбата се прават и на ставката стоки и услуги.
Министерот во интервјуто наведе дека во изминатите неколку години се воведени повеќе буџетски механизми за подобрување на реализацијата на капиталните расходи од страна на институциите. Еден од нив е механизмот КАПЕФ, со кој се поставуваат тримесечни таргети и доколку потфрли реализацијата, на институциите им се резервираат средствата за капитални кои не ги искористиле.
„Треба да се истакне дека при прераспределбата на буџетот, се намалуваат ставките на одделни проекти согласно динамиката на реализацијата. Ова се главно средства од развојни програми преку странски кредитори. Доколку кон крајот на годината забрза динамиката на реализација, ќе се повлечат средства“, посочи министерот за финансии. Тој потенцира и дека во последното тримесечје од годината, како и секоја година, се очекува забрзување на реализација на капиталните расходи.
Со прераспределбата на средствата во Буџетот се обезбедуваат 4,25 милијарди денари за зголемување на платите за 10% и за К-15 од 10.000 денари за 106.000 вработени во јавниот сектор. Исто така, се обезбедуваат 3,5 милијарди денари за ново зголемување на пензиите за 336.000 пензионери. Министерот за финансии Бесими посочи дека во Буџетот се направени значајни заштеди во ставката стоки и услуги, иако тоа можеби не се гледа во крајната бројка поради покачување на средствата за набавка на лекови и на учебници.