Нема застој, сите плаќања се реализираат и нема простор за шпекулација. Трезорот функционира беспрекорно, вели министерот за финансии

Трезорот функционира беспрекорно и тоа не само сега туку во континуитет, но понекогаш се прават проверки, вели министерот за финансии Фатмир Бесими по информациите кои излегоа во јавноста дека државниот трезор бил нападнат од хакери.

Според Бесими хипотези се коментарите кои произлегуваат од честите хибридни војни кои се водат во 21 век.

„Кога реков хипотези мислев на тоа што се случува на геополитичката сцена во Европа, но и тоа што се случува со технолошкиот развој и затоа не е чудно што излегуваат такви коментари за хакерски напади“,

рече Бесими.

Тој додаде дека има интерни процедури што се прават со системите и тие понекогаш се тестираат, но негираше дека плаќањата овие денови се прават рачно.

„Некогаш превентивно се тестира целиот систем, имаше случај кога префрлањето на трезорската канцеларија од Скопје со централата имаше репарирање и само тој ден рачно се правеа плаќањата. Но, нема застој, сите плаќања се реализираат и нема простор за шпекулација“,

додаде Бесими.

Телевизија Телма денеска пренесе дека државниот трезор пред 10 дена бил мета на хакерски напад и дека платите кои вработените во институциите треба да ги земат деновиве се книжат рачно.

Дека имало хакерски напад на државниот трезор пред два дена кажа и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Таа на седница на Советот на Град Скопје рече дека три недели не работи системот за трезор и затоа ниту една институција не може да си налати побарувања и тоа според неа значи дека државата е во банкрот.

Реакција на обвинувањата на Арсовска денеска имаше и од Министерството за финасии од каде рекоа дека трезорот работи и оти тој не е хакиран.