Преку зајакнување и зголемување на бруто инвестициите ќе се зголеми и продуктивноста, ќе се подобри трговскиот биланс, односно конкурентноста на економијата и тоа ќе го повлече растот, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, во гостување во дневникот на ТВ „Сител“.
-Вкупните инвестиции од сегашните 30 проценти од БДП ќе стигнат во 2026 година до 38 проценти од БДП. Значи од една потрошувачка економија ќе се преструктуираме кон економија што ќе се базира на инвестиции, рече министерот за финансии.
Тој изрази позитивни оценки во однос на структурата на буџетот, односно дека се успеало при намалување на буџетскиот дефицит од 6,5 проценти годинава на 4,3 проценти следната година да се зголеми учеството на капиталните расходи.
-Учеството на капиталните расходи во вкупните расходи е 14 проценти и тие се на ниво од 615 милиони евра, што значи дека има кратење од 7 проценти кај расходите за стоки и услуги, со ставен фокус при кратењето на несуштинските трошоци. Така што ова е позитивен сигнал во однос на структурата на буџетот, рече министерот.
Клучно, вели министерот, е дека задолжувањето за дефицитот ќе биде само за капитални расходи и е обезбедено финансирањето.
Во однос на реализацијата на капиталните расходи потенцира дека е важно да се подобри сликата и дека за тоа се усвоени повеќе планови, но дека и реализацијата на капиталните расходи историски гледано е подобра, односно таа лани изнесуваше 81 процент на крајот на годината, од почетокот на годината реализацијата е 56 проценти, а имало години кога таа била под 60 проценти па и до 40 проценти.
Се осврна на нивото на јавниот долг, за што најави дека ќе има надолно ревидирање на нивото на јавниот долг и фискалната стратегија согласно процедурите и тој наместо 65,9 проценти би изнесувал околу 63,5 проценти.
-Зголемувањето на јавниот долг е директен резултат на пандемијата и тоа не е случај само со нашата земја, туку и на глобално ниво. Во 2020 година, нашиот долг се зголеми за 10,6 процентни поени, а имаме земји во регионот кои имаа зголемување на долгот на пример како кај Црна Гора за 28 проценти, Хрватска и Словенија над 15 проценти, потоа земји во рамки на ЕУ со зголемен долг до 20 проценти. Значи, тоа е период на криза и ако гледаме наназад и во 2011 година, исто така во период на криза јавниот долг се зголеми за 11 процентни поени. Тоа што се случува е нешто што во вакви ситуации е очекувано, рече министерот.
Во интервјуто министерот говореше и за мерките што се преземаат за справување со последиците од енергетската криза, за предвидените зголемувања на платите, пред сѐ, на клучните сектори, како и за поднесените амандмани на Предлог-буџетот за 2022 година од страна на опозицијата.