Продолжува узурпацијата на земјиште во државна сопственост долж брегот на Дебарско Езеро и бесправна градба на објекти. Дебарското одделение за внатрешни работи по таа основа поднесе кривична пријава против У.Л. (56) жител на Дебар.

-Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“ ОВР Дебар поднесе кривична пријава против У.Л.(56) од Дебар. Тој, во текот на јуни 2021 година, кај месноста „Бадеми“ на крајбрежјето на Дебарското Езеро, узурпирал 156 квадратни метри државно земјиште и без одобрение, отпочнал со градба на станбен објект, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Додаде дека на овој начин У.Л. се стекнал со противправна имотна корист од 308.880 денари.

По истата основа до сега поднесени се десеттина кривични пријави против за жители на Дебар, кои узурпирале од над 60 до 80 квадратни метри во државна сопственост и спротивно на Законот за градење, започнале градба на објекти, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од над 120 до 250 илјади денари.