Бил Гејтс јавно се огласи по објавувањето на нов сет документи во кои се споменува неговото име во контекст на Џефри Епстајн. Во интервју за Nine News, тој изјави дека жали за контактите и дека тие биле грешка.

„Секогаш фокусот беше на тоа дека тој познава многу многу богати луѓе и тврдел дека може да ги убеди да донираат пари за глобално здравје“, рече Гејтс. „Гледано наназад, тоа беше ќор-сокак и бев глуп што поминував време со него… Секој момент што го поминав со него – затоа се каам и се извинувам што го направив тоа.“

Тој наведе дека бил присутен „само на вечери“, дека никогаш не бил на островот и дека, според неговите информации, не запознал ниту една жена поврзана со случајот. Додаде дека е-поштата што Епстајн си ја испратил самиот на себе е „неточна“ и дека „никогаш не била испратена“.

Во документите се споменува е-пошта од 2013 година во која Епстајн изразува разочарување што Гејтс го прекинал односот и изнесува тврдења дека Гејтс добил полово пренослива болест и побарал совет како тајно да ѝ даде антибиотик на тогашната сопруга Мелинда. Гејтс ги отфрли тие наводи.

Мелинда, која се разведе од Гејтс во 2021 година, изјави дека лицата споменати во документите имаат што да објаснат и изрази сочувство кон жртвите на Епстајн.