За примопредавањето информираше Николов на својот фејсбук профил и напиша дека „денеска со кафе и цеден сок“ ја примопредал функцијата градоначалник.

– Општина Штип ја оставам во одлична финансиски ликвидна состојба. На сметката на Општина Штип има 47 милиони денари, на сметка на ЈП „Стипион“ има 4,1 милион денари и дополнителни 500 илјади денари од паркинг наплата, а на сметката на ЈП „Исар“ има девет милиони денари, напиша Николов во објавата во која потенцира и дека остава 22 проекти со обезбедени финансии, завршена јавна набавка и потпишани договори со изведувачи, кои само треба да бидат започнати.

На новиот градоначалник му посака успешна и пожртвувана работа, а во Општина Штип сите граѓани да бидат еднакви.

Јорданов вчера и официјално седна во градоначалничката фотелја, а неговото доаѓање во општинската зграда беше проследено со пречек и гормогласен аплауз од неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред самиот влез на зградата, Јорданов на граѓаните им се заблагодари за поддршката и вети дека вратите на општината ќе бидат широко отворени за сите жители.